
Еден од клучните краци на мега-предметот „Империја“ доби неочекуван епилог, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во декември 2025 година официјално го повлече обвинението против бизнисменот Цветан Панделески.
Како што пренесува „Призма“ (БИРН), одлуката ја донел обвинителот Фатон Азизи по сослушувањето на сведоците, при што било оценето дека не постојат докази дека Панделески сторил измама или перење пари, ниту дека ги довел во заблуда акционерите на „Бетон Штип“ со цел стекнување противправна имотна корист.
„Ниту еден сведок не посочил дека го познава обвинетиот или дека тој имал влијание врз нивните акции“, појасниле од Обвинителството за „Призма“.
Со повлекувањето на обвинението, трошоците за долгогодишната судска постапка ќе паднат на товар на државниот буџет, односно ќе бидат платени со јавни средства.
Случајот „Империја“, кој започна како еден од најголемите предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство, со најави за конфискација на милионски износи, во изминатиот период претрпе значајни промени. Дел од обвиненијата беа повлечени или паднаа по измените на Кривичниот законик во 2023 година, додека дел од обвинетите склучија спогодби со обвинителството.
По повлекувањето на обвинението против Панделески и претходните спогодби со останатите обвинети, во овој дел од предметот како единствен преостанат обвинет останува брокерот Јованче Тасковски, со што уште еден сегмент од „Империја“ завршува без судска пресуда за главните обвиненија.
