
На денешното рочиште за трагедијата во кочанскиот клуб „Пулс“, обвинителот Борче Јанев во своето воведно излагање пред Судечкиот совет го посочи сопственикот на клубот, Дејан Јованов, како централна фигура во долгогодишниот синџир на пропусти, злоупотреби и незаконско работење што, според обвинителството, довеле до најголемата цивилна трагедија во поновата македонска историја.
Јанев истакна дека Јованов речиси две децении го водел клубот во состојба на целосен правен и безбедносен хаос, игнорирајќи прописи, избегнувајќи инспекции и градејќи паралелна мрежа на поддржувачи во институциите преку блиски роднини, кумови и соработници.
„Опасноста никогаш не го интересирала,“ рече обвинителот, додавајќи дека „димензијата на преземените дејствија и обемот на пропусти се шокантни и запрепастувачки – сѐ било подредено на профит и материјална корист.“
Според обвинителството, „Пулс“ со години работел без дозвола за угостителска дејност, без техничка документација, без сценски одобренија, без противпожарна опрема, без евакуациски план и без минимални безбедносни стандарди.
„Сите документи кои морал да ги има – не ги обезбедил. И тоа не затоа што не можел, туку затоа што никој не му ги побарал,“ истакна Јанев.
Во излагањето беше нагласено дека Јованов никогаш не поднел барање за легализација на објектот, ниту пак постапил по бројните предупредувања и забелешки од институциите.
Обвинителот го опиша и неговото најтесно окружување:
„Во постојана закрила му биле неговиот кум, братот, па дури и сопственото дете. Сите вклучени во одржувањето на оваа незаконска конструкција,“ посочи тој.
Дополнително, според Јанев, доказите ќе покажат дека одредени лица му служеле како консултанти, посредници и „обезбедувачи“ во различни државни институции, што му овозможило да ја избегнува контролата и надзорот.
„‘Пулс’ бил смртоносна стапица. Патот кон пропаста бил одамна исцртан – тој го знаел тоа, можел да го спречи, морал да го спречи, но не сакал,“ нагласи обвинителот.
Јанев заклучи дека сопственикот не го „надмудрил“ системот, туку го искористил системот кој бил целосно девастиран.
„Не успеал да го преврти системот – тој само ни покажа каков систем сме имале. Или подобро кажано, каков систем немало,“ рече тој.
Според обвинителството, трагедијата не била ниту изненадување ниту несреќен случај, туку логичен исход на опасности кои биле одамна очигледни.
„Последиците биле хаотични, фатални – и целосно предвидливи. Некој го пресметал ризикот. А го платија 63 невини животи,“ заврши Јанев.

