Skip to main content
Македонија

Обвинителката Трајчева: 10 полицајци влегле во „Пулс“ минути пред пожарот, не ја прекинале забавата

30/01/2026  15:00

Истрагата за трагичниот пожар во угостителски објект, која опфати период од речиси една деценија, резултираше со три обвиненија што денеска ги поднесе Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во координација со надлежниот суд.

Како што информираше обвинителката Ивана Алексова Трајчева на брифинг со новинарите, првата кривична пријава била поднесена само неколку дена по пожарот и се однесувала на седум полициски службеници. Втората и третата пријава пристигнале во април, додека четвртата, која се однесува на постапувањето на кобната вечер, била поднесена во јуни и сега е процесуирана во обвинителен акт.

Првото обвинение се однесува на настаните непосредно пред избувнувањето на пожарот. Според обвинителството, минути пред трагедијата во објектот влегле 10 полициски службеници, од кои еден во меѓувреме починал. Вообичаена пракса при вакви контроли е веднаш да се вклучат светлата и да се прекине музиката, со цел да се смири ситуацијата, иако тоа не е изречно пропишано со правилник. Во конкретниот случај, службениците имале обврска да ја исклучат и пиротехниката, но тоа не го сториле.

Второто обвинение опфаќа девет полициски службеници за периодот 2022–2023 година, поради издавање согласности за исполнетост на услови за работа на објектот. Првично биле опфатени 10 лица, но еден од осомничените, Владо Петров, во меѓувреме починал. Како клучен проблем е посочено обезбедувањето паркинг-простор.

Според законските прописи и квадратурата, дискотеката морала да располага со најмалку 20 сопствени паркинг места. Користење туѓ паркинг или јавна површина не било дозволено, бидејќи паркингот морал да биде во сопственост на објектот. И покрај тоа, по барање на сопственикот, полициските службеници потпишале дека условите се исполнети.

Дополнително, во периодот 2024–2025 година клубот немал активна лиценца за работа, а една година функционирал и со фалсификуван документ. Надлежноста на овие полициски службеници се однесувала исклучиво на надворешните услови, како паркингот и јавниот ред, а не и на внатрешните контроли во објектот.

Третото обвинение се однесува на тројца полициски службеници, од кои еден е опфатен и во претходното обвинение, за злоупотреба на службената положба. Во текот на 2022, 2023 и 2024 година, при утврдување прекршоци, меѓу кои и присуство на малолетници, тие во службените записници внесувале неточни податоци, наведувајќи „неактивно правно лице“ или други погрешни информации. Со ваквото постапување, прекршочните постапки пропаѓале, а сопствениците и правното лице избегнувале плаќање казни.

За дел од полициските службеници кои постапувале во периодите 2012, 2018 и 2019 година, истрагата е запрена поради застареност или поради тоа што не биле утврдени елементи на кривично дело. За тројца службеници предметот е отстапен на Основното јавно обвинителство Кочани, бидејќи станува збор за полесни кривични дела.