
Американската државна обвинителка, Пам Бонди, денеска изјави дека Министерството за правда ќе бара смртна казна за авганистанскиот државјанин кој вчера пукаше во двајца припадници на Националната гарда во Вашингтон.
Таа за време на нејзиното гостување во емисијата „Фокс и пријателите“ изјави дека двете жртви кои вчеравечер беа ранети во Вашингтон се оперирани, но дека нивната состојба сè уште е неизвесна.
„Ќе ги базираме нашите обвиненија врз прогнозата за припадниците на Националната гарда кои биле оперирани. Нема да зборувам за нивната состојба сега. Но, ако нешто се случи, веднаш ќе ви кажам. Ќе направиме сè што е во наша моќ да бараме смртна казна за ова чудовиште кое не требаше да биде во нашата земја“, додаде таа.
Таа истакна дека осомничениот Авганистанец може да се соочи со доживотен затвор.
„Се молиме за нивно закрепнување, но во најлош случај, минималната казна би била доживотен затвор по обвинение за тероризам“, рече Бонди.
Таа потврди дека двајцата полицајци од Западна Вирџинија се маж и жена, но дека нивните идентитети се чуваат во тајност од страна на нивните семејства.
Бонди рече дека жената доброволно се пријавила за работа во главниот град за време на Денот на благодарноста.
Осомничениот напаѓач, Рахманула Лаканвал, останува во притвор, објавува Фокс њуз.
Лаканвал претходно работел во Авганистан за владата на САД, вклучително и за Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА), изјави директорот на ЦИА, Џон Ратклиф.
