
Во насока на постигнување на целите дефинирани во Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан на Европската комисија (2024-2027), Министерството за дигитална трансформација информира дека се подготвени четири нацрт закони. Со донесувањето на овие закони, за Македонија се отклучуваат вкупно повеќе од 19 милиони евра, од кои како директна буџетска поддршка, повеќе од 5,7 милиони евра грант ќе бидат ставени на располагање на буџетот на државата.
Tри од нив се објавени и достапни на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде секоја заинтересирана страна и покрај консултативниот процес досега, може да достави мислење, забелешки и предлози во врска со објавените предлог закони во рок од 30 дена од денот на објавувањето.
1. Закон за електронски комуникации – Овој закон има за цел да ја усогласи националната правна рамка со европските стандарди, преку усогласување со Европскиот законик за електронските комуникации 2018/1972 и Законот за гигабит инфрастуктура 2024/1309. Законот ќе обезбеди ажурирање на регулаторната рамка за електронските комуникации, преку промовирање инвестиции во висококвалитетни мрежи со голема брзина, заштита на потрошувачите и промоција на конкурентноста; ќе врши утврдување на сеопфатна рамка за поддршка на побрзо, поекономично и поедноставно ширење на мрежи со многу висок капацитет, познати како гигабитни мрежи. Со ова, се поставува темел за развој на робусна дигитална инфраструктура во земјата.
2. Закон за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги: Овој закон предвидува усогласување на Законот за електронските документи, електронска идентификација и доверливи услуги со ЕУ Регулативата 2024/1183 во согласност со Инструментот за реформи и раст. Примарната цел на законот е да воспостави единствен, унифициран систем за дигитални идентитети во државата што ќе овозможи лесен и безбеден пристап до јавни и приватни услуги. Со тоа ќе се олесни користењето на електронските услуги и ќе се зголемат електронските трансакции помеѓу корисниците.
3. Нацрт-закон за архивски материјал и архивска дејност – Со овој закон се поставува современа правна основа за управување со архивските активности, вклучувајќи електронско ракување со архивски документи, што ќе го подобри зачувувањето и оперативната ефикасност на архивските институции во државата.
Воедно, Законот за безбедност на мрежи и информациски системи кој е основа за усогласување со НИС 2 директивата на Европската унија беше објавен по втор пат на 29.01.2025, по што се одржа јавна расправа и истиот се очекува да влезе во владина постапка во втората половина на март. Законот има за цел да обезбеди високо ниво на сајбер-отпорност, со тоа што се предвидува интеграција на сајбербезбедноста во секој сегмент од дигиталната трансформација.
Преку овој пакет закони, Министерството за дигитална трансформација ја поставува правната основа за сеопфатни, фундаментални и опипливи реформи во областа на информатичко-комуникациските технологии и дигиталната трансформација на земјата. Со навремена реализација на предвидените чекори се обезбедуваат значителни средства за забрзани реформи и развој, кои ќе го подобрат економскиот раст и ќе и помогнат на земјата на патот кон ЕУ.