Skip to main content
Македонија

Објавена листата на надворешни советници на премиерот, меѓу нив и поранешни функционери

29/01/2025  19:17

Премиерот Христијан Мицкоски има 17 надворешни советници чии имиња се јавно објавени. Меѓу нив, се и поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски.

Пешевски е советник за стратешки прашања од областа на економијата, а Ставрески за финансии и банкарство. Поранешниот претседател на Собранието е советник за собраниски, политички и правосуден систем.

Професорот Александар Спасеновски, кој беше и пратеник во собранискиот состав 2011-2014 година, е советник за европски прашања, а за надворешна политика премиерот ќе го советува амбасадорот Сашо Марковски, кој е и специјален претставник во процесот на преговори на претседателот на Владата со Европската унија.

Меѓу 17-те советници на премиерот има и еден Германец. Јоханес Хајдекер е експерт за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во канцеларијата на претседателот на Владата за подготовка на целни документи за политики, анализи и совети до премиерот и координација со другите ресорни министерства при подготовка и имплементација на владините економски политики со јасна стратешка ориентација кон процесот на пристапување во ЕУ.

Во делот на безбедноста, Горан Николовски е советник за стратешки прашања од областа на безбедноста, а Љубчо Андоновски советник за национална безбедност. Јован Пејковски е советник од областа на политичките и економските науки.

За советник за инфраструктура е назначен Цветко Мицевски, од областа на правото Гоце Наумовски, а за труд и социјална политика Лазар Јовевски. За животна средина советник на премиерот е Даме Димитровски, а за односи меѓу заедниците Шенер Биљали.

Советничкото место за реформи во здравството од 31 јануари останува празно откако досегашниот советник Игор Николов е именуван за амбасадор на Франција.

Меѓу советниците на премиерот има и две жени – Мимоза Рајл советник за култура и Снежана Трпевска советник за унапредување на образованието, здравството, социјалната заштита и спроведувањето на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.

Мицкоски на прес-конференција во вторникот рече дека има 17 советници од кои четворица со полно работно време во Владата.