
Новинарот Пани Саболч објави транскрипт од телефонски разговор меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и рускиот министер Сергеј Лавров, кој се одвивал во февруари 2020 година, непосредно пред парламентарните избори во Словачка. Објавата доаѓа во чувствителен момент, откако унгарскиот премиер Виктор Орбан нареди истрага за наводи за прислушување поврзани со министерот Сијарто пишува 24.hu
Според објавениот транскрипт, Сијарто во разговорот побарал поддршка од Москва за тогашната словачка влада предводена од премиерот Петер Пелегрини. Тој, како што се наведува, побарал од Лавров да посредува за организирање средба меѓу словачкиот премиер и рускиот државен врв, со цел да се засили позицијата на владејачката коалиција во пресрет на изборите.
„Ова е големо барање“, му рекол Лавров на Сијарто, по што ветил дека ќе ја пренесе пораката до рускиот премиер.
Во разговорот, Сијарто нагласува дека за Унгарија е „клучно“ актуелната коалиција во Словачка да остане на власт, оценувајќи дека социјалдемократите се „единствена рационална сила“ во земјата. Тој предупредува дека победа на опозицијата би била „трагедија за централноевропската соработка“.
Според новинарот Пани, ваквата дипломатска иницијатива имала за цел да влијае врз гласачите, особено преку сигнализирање на блиски односи со Русија, што би можело да има ефект кај дел од електоратот.
И покрај овие наводни напори, коалицијата на Пелегрини ги загуби изборите, а Словачката национална партија не успеа да го помине изборниот праг. Подоцна, Пелегрини стана претседател на Словачка.
Пани тврди дека разговорот бил снимен од безбедносна служба на една земја-членка на Европската унија и дека содржината била позната уште претходно во одредени кругови. Тој додава дека ова не е изолиран случај, туку дел од поширок модел на комуникација.
Според неговите наводи, Сијарто со години споделувал доверливи информации од состаноци на Европската унија со рускиот министер Лавров. Новинарот тврди дека ваквата практика е „практично јавна тајна“ во европските политички кругови.
„Сијарто разговара со Лавров на отворена линија, што овозможува разговорите да бидат пресретнати од други служби“, наведува Пани.
Тој посочува дека во тек е истрага за тоа дали постојат и други канали на комуникација, вклучително и евентуален трет уред преку кој би се одвивале чувствителни разговори.
Дополнително, новинарот изјави дека разговарал со претставници од седум земји-членки на ЕУ, кои потврдиле дека постои континуирано споделување на чувствителни информации со руската страна. Според некои од нив, ваквото однесување може да се квалификува како политичко разузнавање.
Во меѓувреме, унгарската влада реагираше со најави за истрага. Премиерот Виктор Орбан изјави дека побарал од надлежните институции итно да ги испитаат наводите за прислушување и евентуалните безбедносни импликации.
Случајот отвора сериозни прашања за транспарентноста на дипломатските контакти, доверливоста на комуникациите и односите меѓу земјите-членки на Европската унија и Русија, особено во контекст на чувствителните политички процеси во регионот.
