Skip to main content
Македонија

Објавен оглас за ангажирање 300 невработени лица за помош на стари лица и лица со попреченост

24/07/2025  14:06

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја презентира новата мерка од оперативниот план за 2025 година – програмата „Општинско корисна работа“, со која се предвидува ангажман на 300 невработени лица за обезбедување социјални и здравствени услуги на локално ниво.

Програмата не е наменета за комунални работи, туку за директна поддршка на ранливите категории граѓани вклучувајќи стари лица, лица со попреченост, како и деца од социјално загрозени семејства. Предвидените услуги опфаќаат дневна грижа, помош во домашни услови, поддршка за независно живеење, како и образовни и лични асистенти за деца.

Јавниот повик трае до 8 август 2025 година и е наменет за општините и за градот Скопје. Невработените што ќе бидат вклучени ќе добиваат бруто-надоместок од 28.000 денари месечно во период од 18 месеци, со тоа што првите шест месеци ќе бидат финансирани од државата, а преостанатите од локалната самоуправа.

Министерот Дурмиши информира и за зголемување на буџетот за активни мерки за вработување од 16,08 милиони евра на 23,57 милиони евра, како и за зголемениот опфат на корисници – за 815 нови лица во програмите за самовработување.

„Со оваа програма не само што отвораме врати за нови вработувања туку градиме и посолидарно општество. Услугите што ќе ги добиваат ранливите категории се од суштинско значење за нивниот секојдневен живот, а истовремено невработените добиваат шанса за стабилен приход и професионален развој“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.