Skip to main content
Хроника

Обид за влез во затворена гостилница заврши со тешко претепување – двајца во притвор

20/01/2026  09:58

Основното јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, поради основано сомнение дека заеднички извршиле кривично дело Насилство, согласно член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Според информациите од обвинителството, на 18 јануари, по 1 часот по полноќ, осомничените агресивно и насилнички се обиделе да влезат во гостилница која во тој момент била затворена. Нивната намера била и по завршување на работното време да консумираат алкохол во објектот, но сопственикот не им дозволил влез.

По одбивањето, тие продолжиле со особено агресивно однесување во дворот на угостителскиот објект, при што физички го нападнале сопственикот и му задале повеќе удари по главата и телото. Нападнатиот бил соборен на земја и му биле нанесени тешки телесни повреди, меѓу кои скршеница на десната рака и повреда на увото.

Со ваквите насилнички дејствија, осомничените предизвикале чувство на несигурност и страв и кај други лица кои во тој момент се наоѓале во близина на објектот.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судот го прифатил предлогот и им определил притвор во траење од по 30 дена.