
Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување истражна постапка против самостоен инспектор, припадник на Единицата за лично обезбедување на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Тој е осомничен дека од користољубие сторил кривично дело – оддавање службена тајна.
Според Обвинителството, осомничениот на 30 март 2025 година, на паркинг пред хотел во Велес, се сретнал со лице кое подоцна станало сведок во постапката. За време на средбата, инспекторот му покажал службени документи на Министерството за внатрешни работи (МВР), кои претставуваат службена тајна, и му дозволил да ги снима. Притоа, му објаснил на сведокот што содржи секој документ.
Целта на овој чин, според истрагата, била да се објават документите на социјалните мрежи во замена за паричен надомест од 50.000 евра, кој требало да го исплати лицето за кое се однесувале документите.
Јавниот обвинител оцени дека постојат доволно докази за стореното кривично дело и предложи на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје да му определи мерка притвор од 30 дена на осомничениот. Судот го прифати предлогот, а инспекторот е веќе во притвор.
За ова кривично дело, согласно член 360 од Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од најмалку една година.
Од Обвинителството истакнаа дека во јавноста се појавиле неточни информации за поврзаност на овој случај со лица и групи од Грчец, демантирајќи ги таквите наводи пласирани во некои медиуми.