Skip to main content
Македонија

„О2“ бара одземање на дозволата на Тораница поради хаваријата со цијанид во Крива Река

13/04/2025  19:35

Иницијативата „О2“ бара да му се одземе А интегрираната дозвола на рудникот Тораница и кривично да одговара, откако се случи еколошки инцидент и водата во Крива Река стана загадена со тешки метали.

Освен за фирмата, кривична одговорност побараа и за инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина кои не зеле мостри од реката дента после излевањето на цијанид во неа, за што извести градоначалникот на Крива Паланка.

Двајца од инспекторите се соочуваат со постапка пред Антикорупциска комисија зашто едниот работел во рудникот пред да стане инспектор, а на другиот сопругата до 2018 година исто така му била вработена во рудникот.

Тие двајца инспектори излегле како претставници на Државниот инспекторат за животна средина да ја контролираат ситуацијата после пукањето на цевката.

-На почетокот поднесовме барање до инспекциски совет да се провери дали овие инспектори правилно постапиле. Бидејќи сметавме дека не постапиле, и тоа се потврди. Сега следиме, треба инспекторатот да изрече дисциплински мерки или нешто друго, изјави Невена Георгиевска од „О2“ за Телма.

Екологистите прашуваа зошто инспекторите не зеле мостри и дали е точно дека се работи за луѓе кои имаат блиска врска со рудникот. Државниот инспекторат на тоа им одговори дека инспекторите самостојно работат во својата проценка дали ќе земат анализи во тој момент, но и дека поднеле барање до антикорупциска да утврдат дали има или не судир на интереси.

Случајот го истражува и јавното обвинителство кое оформи предмет за да утврди евентуална кривична одговорност за загадувањето на Крива река од рудникот Тораница.

На 14-ти март пукна цевка во Тораница од која како што тврдеа од фирмата концесионер истекла техничка вода која не е опасна. Градоначалникот Сашко Митовски обвини дека Крива река е загадена со цијанид и олово, токму од рудникот.