Skip to main content
Свет

Нуклеаените преговори меѓу Иран и САД траеја три часа, се уште нема договор

23/05/2025  22:17

САД и Иран завршија уште една рунда преговори за иранската нуклеарна програма без напредок.

Разговорите во Рим, со посредство на заливската држава Оман, завршија по околу три часа, објави министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, на социјалната мрежа Икс.

„Петтата рунда разговори меѓу Иран и САД заврши денес во Рим со одреден, но не и конечен напредок“, напиша ал-Бусаиди. „Се надеваме дека ќе ги разјасниме преостанатите прашања во наредните денови за да можеме да се движиме кон заедничката цел за постигнување одржлив и чесен договор“, додаде тој.

САД неодамна побараа од иранската влада целосно да го запре збогатувањето на ураниум, што Вашингтон го смета за неопходна мерка за да се спречи Техеран да развива нуклеарно оружје.

Техеран го отфрла ова, но е подготвен повторно да ја ограничи својата нуклеарна програма и да дозволи построги контроли. Тој продолжува да тврди дека нуклеарната програма е целосно наменета за цивилна употреба.

Експертите ја гледаат оваа централна точка на спорот како одлучувачко прашање за тоа дали преговорите ќе пропаднат или ќе успеат.