
По повод Светскиот ден на животната средина, Јавната установа Национален парк Шар Планина почна акција за поставување електрични огради за заштита од големи месојади како мечки и волци. Од вчера се почнати овие активности на имоти во селата Бозовце, Вешала, Вејце и Шипковица, при што таква опрема е поставена кај пет сопственици на фарма и пчелари.
Од НП Шар Планина велат дека електричните огради се докажана превентивна мерка во ЕУ за заштита на добиток, пчеларници и земјоделски култури од мечки и волци. Со ова се намалуваат штетите и се ублажуваат потенцијални конфликти помеѓу човекот и дивината, додека истовремено се штити биодиверзитетот.
-Електричната ограда во село Бозовце се поставува на фармата во чија ограда беше заплеткана мечка пред две години. Разумното делување на сопственикот кој покажа соработка и разбирање во соработка со Национален парк Шар Планина денес резултираше во конкретна помош за понатамошен соживот помеѓу дивите животни и локалното население, вели Анела Ставревска Панајотова раководител на одделение за заштита на природата.
Во рамки на паркот живеат околу 16–17.000 луѓе во 25 живи села, а поширокиот Полошки регион вклучува и многу повеќе. За сите нив, Шар Планина претставува природен штит – заштита од пожари, поплави, ерозија, лавини и други природни закани, но и гарант за зачувување на биодиверзитетот и водните ресурси.
Шара е дом на речиси две третини од вкупната флора на Македонија, со над 2.000 видови васкуларни растенија – од кои повеќе од 200 се балкански ендемити, а некои се и локални ендемити, незабележани никаде на друго место во светот. Богатството на растителниот и животинскиот свет овозможува традиционално сточарство, земјоделство и пчеларство.