Skip to main content
Магазин

Ново откритие на британски научници – Аспиринот може да спречи ширење на рак

11/09/2025  00:14

Британски научници дојдоа до значајно откритие кое би можело да ја промени иднината на онколошките терапии: аспиринот, еден од најчесто користените лекови против болка и треска, може да го спречи ширењето на ракот.

Истражувачки тим открил дека аспиринот им помага на клетките на имунолошкиот систем да ги уништат метастазираните клетки, кои се одговорни за дури 90 отсто од смртните случаи кај пациентите со рак. Досега, се претпоставуваше дека антиинфламаторните својства на аспиринот се клучни во борбата со болеста, но точниот механизам остануваше нејасен.

Во новото истражување, глувци со рак на дојка, дебело црево и кожа биле третирани со мали дози аспирин. Резултатите покажале значително помалку метастази кај третираните животни, во споредба со оние кои не примале терапија. Научниците утврдиле и намалено ниво на тромбоксан А2 – соединение кое им овозможува на клетките на ракот да се „скријат“ од Т-лимфоцитите, имунолошки клетки задолжени за напад врз туморите.

Со намалување на тромбоксанот, аспиринот ја укинува „заштитата“ на клетките на ракот и им овозможува на Т-клетките да ги пронајдат и уништат пред тие да се прошират.

Следниот чекор е повторување на експериментот кај луѓе. Доколку резултатите се потврдат, аспиринот би можел да стане дел од стандардната терапија за одредени видови рак – евтин и достапен лек со потенцијал да ја трансформира борбата против оваа смртоносна болест.