
Попладнево, во полициската станица во Центар, на информативен разговор беа повикани главниот уредник на ТВ21, Ерол Шакири, и новинарот и уредник на вести, Јовица Пауноски. Ова следуваше по нивното известување од големиот собир на плоштадот „Македонија“, каде користеле дрон за снимање во живо.
Според објаснувањето на полицијата, двајцата новинари биле повикани затоа што користеле дрон со тежина поголема од дозволеното. Покрај полициските службеници, во станицата биле присутни и инспектори од Агенцијата за национална безбедност.
Пауноски сведочи дека МВР првично дошло во просториите на ТВ21 и ги побарало сите потребни документи, а по кратко време повторно се вратиле и ги повикале на разговор.
„Практично користевме дрон како што го правиме тоа последните две-три години, со цел да пренесеме вистинска слика и информација од јавен интерес. Потоа не информираа дека има целосна забрана за летање дронови во Скопје, Штип и Кочани,“ изјави Пауноски.
Како што дополнително објаснуваат, соопштението за активната забрана за Штип и Кочани го добиле дури 10 минути откако веќе биле во полициската станица, а потоа им било кажано дека истото ќе биде надградено и ажурирано.
„Користевме дрон кој е под 245 грама, а според последните измени на законот, кои наводно биле донесени во јануари, дозволената грамажа за летање без посебна најава е намалена на 200 грама. Но, за тоа дознавме денеска, бидејќи новите регулативи не се објавени на официјалните страници,“ додава Пауноски.
Главниот уредник на ТВ21, Ерол Шакири, нагласи дека медиумот секогаш работи според закон и никогаш не прекршил никакви правила.
„За дрон под 245 грама не беше потребна дозвола за летање и сертификати, а ние токму таков дрон користевме. Сега дознаваме дека законот е сменет во јануари и дека новата граница е 200 грама, но оваа информација сè уште не е официјално објавена,“ изјави Шакири.
Овој случај отвори низа прашања за транспарентноста на законските измени и пристапот до информации, како и за односот на институциите кон медиумите и нивната работа на терен.