Skip to main content
Свет

Новата шефица на МИ6, Блез Метруели, е внука на нацистички шпион познат како „месарот“

28/06/2025  15:01

Новата шефица на Тајната разузнавачка служба на Велика Британија, МИ6, Блез Метруели, според документите, е внука на нацистички шпион познат како „месарот“.

Порано овој месец, Метруели стана првата жена што ја предводи британската тајна разузнавачка служба МИ6, објавува „Индипендент“.

Меѓутоа, германските архиви до кои дојде Дејли Меил откриваат дека нејзиниот дедо, Константин Доброволски, бил нацистички шпион.

Доброволски, Украинец, пребегнал од Црвената армија и станал главен нацистички информатор во областа Чернигов.

Метруели никогаш не го запознала својот дедо, кој останал во Украина окупирана од нацистите додека семејството избегало од Црвената армија во 1943 година.

Документите од Фрајбург го опишуваат Доброволски како „Агент 30“, како што го нарекувале нацистичките команданти.

Роден во 1906 година од германско-полски татко  и мајка Украинка, тој го мразел Советскиот Сојуз бидејќи неговиот семеен имот бил конфискуван по револуцијата во 1917 година.

Се приклучил на нацистите во 1941 година и за неговата шпионажа добивал плата од само 81 рајхсмарка или во денешна противредност од околу 250 фунти.

Во своите писма до нацистичките офицери, тој поздравувал „Хајл Хитлер“ и го признал своето учество во масакрот на Евреите во близина на Киев.

„Дејли меил“ наведува дека има и извештаи за ограбување на телата на жртвите од холокаустот и исмејување на сексуалната злоупотреба на затворенички.

Советите понудиле награда од 50.000 рубљи за него, што е околу денешни 200.000 фунти, и го прогласиле за „најлош непријател на украинскиот народ“.

По војната, неговата сопруга Барбара и синот Константин пристигнале во Велика Британија.

Барбара се премажила, а Константин, таткото на Метруели, го зел презимето на неговиот очув.

Ниту тој ниту Блејз не го запознале својот биолошки дедо.

Метруели е професионална разузнавачка која во 1999 година се приклучила на MI6, веднаш по студирањето во Кембриџ, а поголемиот дел од својата пчрофесионална кариера го поминала на оперативни улоги на Блискиот Исток и Европа.