
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ја отворија новата детска градинка „Пролет“ лоцирана на улицата „Мирче Ацев“ бр. 102, во населбата Пролет. Градинката е целосно финансирана од општинскиот буџет, без задолжување, и претставува еден од најзначајните проекти реализирани во текот на актуелниот мандат.
Станува збор за современ објект изграден од темел, според сите безбедносни и функционални стандарди, со капацитет за згрижување на 173 деца и површина од 3.200 м². Герасимовски истакна дека изградбата започнала во јуни 2022 година и е завршена за помалку од три години.
„Оваа градинка не е само зграда – туку симбол на визија, вложување во иднината и одговорно водење. Во еден мандат – започнавме, изградивме и денес свечено ја отвораме“, изјави градоначалникот на отворањето, потенцирајќи дека цената на изградбата изнесува 900 евра по квадратен метар, што е под просечната градежна цена.
Герасимовски се заблагодари на сите вклучени во процесот на реализација, особено на директорката на градинката и нејзиниот тим, за нивната визија, посветеност и професионализам.
Со отворањето на „Пролет“, Општина Центар добива не само нов образовен објект, туку и потврда за успешно реализирана програма. Герасимовски потсети и на другите тековни проекти во општината, меѓу кои се доградбата на градинката „Коле Неделковски“, имплементацијата на Смарт сити системот со 5.000 паметни светилки, како и реконструкцијата на спортската сала „Работнички“.
„Ова не се само зборови – туку видливи, реални резултати. Но, денес, ова е денот на децата. Тие први нека влезат. Нека растат среќни, безгрижни и сигурни. А ние? Со гордост ќе гледаме што оставаме зад себе“, вели Герасимовски.