
Во еден од најубавите манастири во земјата, посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во дебарското село Рајчица, одекна моќниот звук на новата камбана-благовесник. Камбаната беше поставена во манастирската камбанарија со благослов на Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.
Чинот на осветување го изврши владиката Партениј, придружен од свештенослужителите, сестринството и многубројни верници, меѓу кои и дарителот Владимир Стајиќ, почесен конзул на Република Србија во Северна Македонија, заедно со неговата ќерка Ангела.
Камбаната, тешка 830 килограми, е излеана во леарницата на мајсторот Младен Кременовиќ во село Белосавци, Србија. Со ова ново ѕвоно, кое е најголемото во величествениот сет на манастирот, се дополнува кралскиот комплет камбани, во кој најстарата потекнува од 1850 година и е дар од српските кнезови Петар и Андреј.
Со иницијатива и благослов на владиката Партениј, комплетот на камбани беше неодамна реставриран во реномираната австриска леарница Grassmayr и повторно ставен во функција. Новиот „Благовесник“ сега со својот благ звук ја најавува духовната радост и го повикува народот на молитва и покајание.
Владиката Партениј порача дека новата камбана не е само метален предмет, туку благословено орудие на Божјата благодат, кое ќе ги пробудува душите на верните, ќе ги утешува нажалените и ќе ги вразумува заблудените.
Камбаната носи врежан ктиторски натпис кој сведочи за дарителскиот дух и духовната поврзаност на Владимир Стајиќ и неговото семејство со манастирот во Рајчица.