
Со натпреварите во Барселона и Париз продолжуваат четвртфиналните пресметки во Лигата на шампионите.
Само 24 часа по големата победа на Интер во Минхен и уште поголемата победа на Арсенал против Реал на Емирати, време е за нови возбудувања во Лигата на шампионите.
Од 21:00 часот на „Паркот на принцовите“ и „Камп Ноу“, не очекуваат два исклучително интересни натпревари.
Финалистите од минатата сезона, „милионерите“ од Дортмунд ќе и се спротивстават на Барселона на „Монжуик“, каде блауграна нема пораз во 2025 година. На 21.декември лани, Барселона го доживеа последниот пораз на домашен терен, тогаш од Атлетико Мадрид во првенството.
„Мислам дека во четвртфиналето сакате да играте со кого било, да напредувате. Натпреварот ќе биде тежок. Борусија Дортмунд е стабилен противник, одличен во нападот, мора да го контролирате. Мислам дека добро работевме во Лигата на шампионите, и дома и на гости. Имам голема доверба во тимот. Изгледаме добро. Напредувавме на многу начини“, рече Ханси Флик, предводникот на Барселона.
Германскиот стратег нема да може да смета на Дани Олмо, Марк Касадо.
Нико Ковач, тренерот на Дортмунд, смета дека неговите играчи се аутсајдери, но не и без шанса за пласман во полуфиналето.
„Нашата форма расте од натпревар во натпревар, има два меча, реваншот е во Дортмунд. Мислам дека имаме шанса да стигнеме до полуфиналето. Знаеме со каква сила ќе напаѓаме. Мораме да бидеме дисциплинирани. Барселона е исклучително силна во и околу шеснаесетникот. Има многу предности, но секој противник има слабости и сакаме да ги искористиме. Не би било паметно да ги откривам плановите, но ние дојдовме овде да победиме“, изјави тренерот на Борусија, Нико Ковач.
Поради картони тој нема да може да смета на Паскал Грос, додека меѓу повредените се Марсел Забицер, Нико Шлотербак и Филип Мане.
Овој меч ќе биде и деуел на двајцата најдобри стрелци во овогодинешното издание на Лигата на шампионите: Рафиња (11) и Серх Гираси (10).
Меѓу најдобрите осум помалку неочекувано е европскиот првак од 1982 година, Астон Вила. Противник на тимот на Унаи Емери ќе му биде еден од фаворитите ПСЖ.
Со Луис Енрике, ПСЖ направи пресврт и почна да носи млади фудбалери желни да се докажат на местото на етаблираните ѕвезди, што веднаш донесе резултати.
По големата победа против Ливерпул во потенцијалниот двомеч на сезоната во Лигата на шампионите, на ред дојде уште еден клуб од Премиер лигата.
Парижаните нема да можат да сметаат на Маркињос поради жолти картони. Нема да игра и повреден Ли Канг-Ин.
„Се надевам дека ќе видиме одлична верзија на Пари Сен Жермен, ќе продолжиме да играме со силен интензитет. Ќе биде натпревар од висока класа во однос на интензитетот“, рече Луис Енрике.
На спротивната страна седи сонародникот на Енрике, Унаи Емери, а еден од подобрите играчи на Вила е Марко Асенсио, кој в јануари токму од Парзи се пресели на позајмица на „Вила Парк“.
„Играњето во четвртфинале е секогаш нешто посебно. Ливерпул беше фаворит, но сега е Пари Сен Жермен. Ова е голем предизвик за нас, но имаме самодоверба, сигурно ќе има можности. Астон Вила го освои овој трофеј. Кога дојдов овде знаев каква е историјата, мојот предизвик е да се борам за трофеи“, вели Емери.
Даниел Мален и Андрес Гарсија не се пријавени за Лигата на шампионите и нема да играат, исто како повредениот Рос Баркли.