
Ако не ве привлекува помислата да кревате тегови или да трчате на лента за трчање во сала за вежбање, можеби најновиот тренд, кој доминира на социјалните медиуми, ќе ви помогне: јапонско интервално одење.
Идејата за одење е едноставна: наизменично 3 минути брзо одење и 3 минути бавно одење, идеално 30 минути одеднаш.
Д-р Кристијан Карстофт, вонреден професор на Универзитетот во Копенхаген, вели дека пристапот е особено погоден за луѓе склони кон повреди при трчање бидејќи одењето става помал стрес на нивните зглобови или за луѓе на средна или постара возраст, кои не вежбаат редовно.
Луѓето што веќе се во прилично добра форма, рече тој, треба да трчаат или џогираат во интервали за да доживеат слични придобивки.
Режимот е сличен на интервалниот тренинг со висок интензитет (HIIT). Д-р Шон Филипс, професор по физиологија на спорт и вежбање на Универзитетот во Единбург, рече: „Вежбањето со висок интензитет може да обезбеди слични придобивки како и вежбањето со умерен интензитет, но во пократок временски период (или) со помал обем на вежбање. Користењето висок интензитет му дава на телото поголем поттик да се приспособи“.
Сепак, не секој може да го прави ова темпо. Филипс рече дека луѓето што се помалку активни треба да почнат со нормална прошетка, а потоа постепено да преминат на интервално одење.
Иако интервалното одење со висок интензитет неодамна стана популарно на „Тик-ток“, каде што ентузијастите споделуваат видеа од себе како сериозно шетаат во градските паркови, идејата датира пред повеќе од 20 години кога научниците во Јапонија почнаа да ја проучуваат кај возрасни на средна и постара возраст.
Според јапонска студија, која анализирала податоци од 139 здрави учесници, со просечна возраст од 63 години, луѓето што применувале интервално одење со висок интензитет четири или повеќе дена во неделата во период од пет месеци го зголемиле својот аеробен капацитет, што укажува на подобрена физичка подготвеност.
Покрај тоа, овие подобрувања биле поголеми од оние кај учесниците што правеле континуирано одење со умерен интензитет или кои не оделе.
Студијата исто така сугерира дека интервалното одење со висок интензитет може да го намали крвниот притисок и да ја зголеми силата на зглобовите.