Skip to main content
Македонија

Нотарите бараат зголемување на тарифите

19/06/2025  17:47

Нотарската комора на Република Северна Македонија (НКРСМ) денеска апелираше до надлежните институции да се изврши ревизија на нотарската тарифа и да се овозможи фер вреднување на трудот на нотарите, предупредувајќи дека тековните надоместоци не ги покриваат реалните трошоци за извршување на нивната работа.

На средба со новинарите, претседателот на НКРСМ, Методија Ристоски, изјави дека повеќе од 27 години нотарските награди остануваат непроменети или се намалуваат, и покрај континуираниот пораст на трошоците за живот. Како пример, тој ја посочи наградата за заверка на потпис, извод, превод или препис, која и натаму изнесува 100 денари – износ што не ја одразува реалната вредност на трудот.

„Ние како нотари сме во служба на повеќе државни институции и постапуваме во име на граѓаните без да имаме право ниту на соодветен надомест, ниту на покривање на реалните материјални трошоци. Неминовно е да има измени во дел од тарифата, не на целата, од причина што во континуитет растат сите трошоци за живот, расте инфлацијата, платите на вработените, режиските трошоци“, изјави Ристоски.

Дополнително, нотарите нагласуваат дека во јавноста се создава погрешна перцепција за нивните приходи, бидејќи преку нивните сметки поминуваат средства што припаѓаат на други институции. Тие средства се прикажуваат како бруто-приход, иако не се дел од личната заработка на нотарите.

„Во континуитет, години наназад, на сите институции кои се движат паралелно со нотаријатот, па и на сите други професии, тарифниците се зголемуваат, а единствено нотарската тарифа се намалува“, додаде Ристоски.

Како дополнителен проблем беше посочен и дисбалансот во бројот на нотари во однос на бројот на жители. Иако е предвидено најмалку еден нотар на 20.000 жители, во некои градови, како Куманово и Скопје, бројот на нотари е двојно до тројно повисок од предвидениот.

Ристоски презентираше и податоци од регионот кои покажуваат дека Северна Македонија има најниски тарифи за нотарски услуги. Така, заверка на потпис во земјава чини 1,63 евра, додека истата услуга во Албанија чини 18,8 евра, во Хрватска 7 евра, во Србија 2,56 евра, а во Бугарија 5,12 евра.

Нотарската комора порача дека останува отворена за дијалог со Министерството за правда и со Владата, со цел да се најде решение што ќе го зачува достоинството и одржливоста на нотарската професија, без да се оптовари буџетот на граѓаните.