
Употребата на дронови во војната во Украина „не е пример“ за воздушните способности на НАТО, изјави денеска новиот командант на германските воздухопловни сили Холгер Нојман, нагласувајќи ги наместо тоа лекциите научени од конфликтот на Израел со Иран.
Нојман изјави во Берлин дека употребата на „најмалите од мали дронови“ на бојното поле во источна Украина е важен тактички и оперативен фактор, но оти тие не влијаат на важноста на традиционалните способности на воздухопловните сили, јави ДПА.
„Повеќе мислам на операцијата што ја видовме меѓу Израел и Иран“, рече Нојман и додаде дека „Тоа е повеќе начинот на кој НАТО би ја практикувал воздушната моќ: извршување одлучувачки напади длабоко во непријателската територија и контролирање на воздушната ситуација.“
За време на неодамнешната 12-дневна војна со Иран, израелските воздухопловни сили успеаја да ги уништат или оштетат иранските системи за противвоздушна одбрана.
Ова е предуслов за модерните војски со цел да се напаѓаат трупи, оружени системи, складишни подрачја и производствени капацитети на непријателска територија.
Со цел да ја одвратат Русија, Германија и нејзините НАТО сојузници настојуваат да развијат и изградат далекусежни оружени системи за оваа намена.
Со оглед на моменталното ниво на закана, Нојман истакна дека војските мора да останат подготвени, цитирајќи го принципот „бори се веднаш“.
„Ако некој нè предизвика денес или утре, не можеме да кажеме: Ве молиме вратете се во 2029 година“, рече тој.
Нојман се осврна и на растечката закана за безбедноста на сателитската инфраструктура во орбитата, која е од централно значење за војската и економијата.
Безбедноста и можните заштитни мерки се прошируваат под закрила на воздухопловните сили, рече тој.
„Гледаме сателити како кружат еден околу друг за да прават работи во кои навистина не можам да навлегувам“, изјави тој, но додаде дека „може да се види дека тоа е спорно“.