Skip to main content
Македонија

Низ Охрид полицијата ги информираше туристите како да се заштитат од џебни кражби

26/06/2025  11:38

Отсекот за превенција при СВР Охрид интензивно спроведува превентивно едукативни активности со цел заштита на граѓаните и туристите кои престојуваат во Охрид од сторители на кражби, џебни кражби и други имотни деликти. Полициски службеници од Отсекот за превенција, на различни локации во градот, остваруваат кратки средби со граѓани и туристите кои престојуваат во Охрид и низ кратки разговори ги потсетуваат на потребата од поголема грижа за паричниците и другите лични и вредни предмети што ги имаат, да не ги оставаат необезбедени, информираа од МВР.

Притоа, им се укажува на можните начини на вршење на овие кривични дела, како и за неопходните основни мерки за заштита од сторителите на имотните и други деликти. На граѓаните и туристите им се делат и едукативни летоци со низа практични совети, со цел поефикасна заштита на нивните вредни предмети и друга лична сопственост, како и зголемување на нивната безбедносна култура. Оваа проектна активност е во рамките на концептот „Полициско работење во заедницата“, кое подразбира градење посилен партнерски однос помеѓу полицијата и граѓаните во спречување, намалување, откривање и решавање на безбедносните проблеми и предизвици што ќе придонесе за зголемена јавната безбедност.