Skip to main content
Економија

Нивото на македонскиот јавен долг значително под просекот во ЕУ

08/05/2025  15:47

Нивото на јавниот долг на земјава на крајот на првиот квартал од 2025 година изнесуваше 57,7 отсто од вредноста на националниот БДП, што е за речиси 24 процентни поени пониско во споредба со просечниот долг во ЕУ и за над 30 поени под должничките обврски на Еврозоната.

Македонскиот власти очекуваат во наредниот период јавниот долг да продолжи да се намалува, и како што најави премиерот Христијан Мицкоски, со продолжување на оваа тенденцијата на негово намалување, до крајот на мандатот на оваа Влада тој би изнесувал под 55, па дури можеби и под 50 проценти.

– Очекувам оваа тенденција да продолжи, имаме ниво на јавен и државен долг во однос на БДП кој е најнизок во последните пет години. Јавниот долг е 57,7 отсто од БДП, а државниот 50,1. Но, за мене е важно и номиналниот БДП да биде 20 милијарди долари. Сега сме на ниво од 17 милијарди за 2025 година, порача Мицкоски.

И министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска посочи дека јавниот долг во изминатиов период е намален не само процентуално, туку и во апсолутни бројки.

– Слушате многу често дека одредени работи се штедат, се внимава, па како министерката за финансии во дадени ситуации е малку построга. Ние немаме друг избор освен да работиме домаќински. Премногу се задолживме во изминатите години. Сега граѓаните можат да споредуваат дали работиме домаќински со намален долг од 36 милиони евра во апсолутен износ или некој пред нас работел домаќински, кога долгот го зголемил за 292 милиони евра за ист период, изјави Димитриеска-Кочоска.

Според податоците на Министерството за финансии, нивото на јавниот долг на крајот на првиот квартал од 2025 година изнесуваше 57,7 отсто од БДП и бележи намалување за 36 милиони евра во апсолутен износ или за 4,7 процентни поени во споредба со нивото од крајот на 2024 година, кога изнесуваше 62,4 проценти од БДП.

На крајот од минатата година, според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, просечниот бруто јавен долг на земјите членки на ЕУ изнесувал 81,6 отсто од вкупниот БДП, додека само во Еврозоната тој бил на ниво од 88,2 проценти од БДП.

Ова претставува намалување во однос на нивото на долгот во ЕУ на крајот од третиот лански квартал, кога тој изнесувал 88,4 отсто од БДП, но и зголемување на ниво на Еврозоната за 0,1 процентен поен.

Од вкупниот долг на ЕУ, 84 проценти отпаѓаат на долгувања по однос на хартии од вредност, 13,4 отсто за кредити и 2,6 отсто за депозити. Во Еврозоната, пак, на долгувањата по однос на хартии од вредност отпаѓа 83,6 отсто од вкупниот долг, на кредити 13,9 и на депозити 2,5 проценти.

По земји, најголем долг на крајот на 2024 година имала Грција од 153,6 отсто споредено со висината на БДП, пред Италија со 135,3 проценти и Франција од 113 отсто. Долг повисок од националниот БДП имаат и Белгија на ниво од 104,7 и Шпанија 101,8 отсто.

Најниско ниво на долгот на крајот на декември 2024 година имала Естонија со 23,6 проценти од националниот БДП, пред Бугарија од 24,1 отсто и Луксембург со 26,3 проценти.

Од останатите земји во регионот, во истиот период долгот на Словенија изнесувал 67 отсто од БДП, на Хрватска 57,6 и на Романија 54,8 проценти.

Најголем квартален раст на долгот во последното тримесечје од 2024 година бележи Бугарија од 2,4 процентни поени, пред Романија од 2,0, Финска и Франција од по 1,4, Летонија од 1,3 и Полска од 1,2 проценти поени.

Најголем квартален пад на вкупниот долг во истиот период бележи Португалија од 3,2 процентни поени, пред Словенија од 2,6, Грција од 1,8, Малта и Холандија од по 1,1 и Шпанија од 1,0 процентен поен.