Skip to main content
Македонија

Ниту еден воз од Скопје денеска не пристигна во Битола

10/03/2026  17:45

Патниците на релација Скопје–Битола денеска останаа без железнички превоз поради комбинација од технички дефект и тековни градежни работи на инфраструктурата. Директорот за патнички сообраќај, Горанчо Јовановски, појасни дека прекинот е предизвикан од неисправност на една возна гарнитура, по што од безбедносни причини била донесена одлука за итна техничка проверка на сите композиции.

Поради ова, беа откажани вечерниот воз од претходниот ден, како и денешните поаѓања во 7:05 и 14:30 часот, објави 4news.mk

Дополнителен предизвик претставува итната реконструкција на делницата меѓу Скопје и Зелениково, поради што одредени линии се привремено скратени и сообраќаат само до Велес. Овие зафати се изведуваат во периоди кога сообраќајот е во прекин и до осум часа дневно, со цел да се санира застарената инфраструктура и да се спречат поголеми дефекти во иднина.

Надлежните нагласуваат дека ваквите интервенции се неопходни за долгорочна безбедност на железничкиот сообраќај на овој патен правец.