Skip to main content
Македонија

Николова до Јаневска: Зошто се  намалуваат критериумите за ангажирање образовни асистенти, децата со попреченост заслужуваат максимални услови!?

26/06/2025  17:43

Соопштение за јавност на СДСМ:

Пратеничката на СДСМ Даниела Николова во рамките на собраниската седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерката за образование Весна Јаневска, во врска со аргументите за намалување на критериумите за ангажирање на образовни асистените за децата со посебни потреби.

Во продолжение интегрален текст на прашањето:

„Министерството за образование и наука, предводено од Владата на СДСМ, воспостави системски механизми за инклузивно образование, вклучително и услуги за образовна асистенција како клучен елемент за да може да се реализира интеграцијата на учениците со попреченост во образовниот процес. Целта беше и останува секое дете да има еднаков пристап до образование, согласно своите можности.

Инклузивниот процес бара сериозен пристап, бара постојано унапредување. Но, со новите законски решенија во овој период, очигледно е дека имаме уназадување на овој процес за што ние реагиравме овде од собраниската говорница, реагираше и стручната фела, граѓанските организации како и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Но, денес сум тука, на говорницата  бидејќи сериозно сум загрижена од промената што се однесува до критериумите за ангажирање образовни асистенти за децата со попреченост.

Имено, со новиот Правилник за норматив на образовен асистент, којшто е донесен на 16.6.2025, сведоци сме повторно на регресија. Согласно новите критериуми, за оваа исклучително важна улога може да се ангажираат и лица без какво било педагошко-психолошко и методска доквалификација, само со кратка обука.

Министерке, дозволете ми да бидам искрена:

Ова не е некоја техничка промена, ова не е начин да изнајдете решение за зголемената потреба од образовни асистенти. Ова е одлука што директно ќе влијае на децата, на нивниот развој и на нивната секојдневна поддршка.

Ова е суштинска девалвација на улогата на образовните асистенти. Образовниот асистент не е само помошник, не е само придружник, туку е специјализирана поддршка која мора да разбира и применува соодветни образовни, емоционални и развојни стратегии. Обуката може да биде надградба, но не може да биде замена за академска подготовка.

Лица кои ја вршат оваа работа мора да имаат барем минимум педагошко, психолошка и методска доквалификација за да можат да бидат подготвени за вакви предизвици. Обуката не може да ја замени длабочината и контекстот што се добива преку студиите, може само да биде надополнување.

Децата со попреченост не заслужуваат минимум услови, туку тие ги заслужуваат најдобрите услови. Наместо да се олеснуваат критериумите, тие треба да се зајакнуваат: со континуирана стручна поддршка, со фер услови за асистентите, да се направи работната улога на асистентот препознатлива, професионална и стабилна, за што ви предлагавме и амандмани.

Министерке,

Да не го замениме квалитетот со квантитет, ниту посветеноста со привид.

Затоа ве прашувам: Кои се вашите аргумени за измената на Правилникот за норматив на образовниот асистент, описот на компетенциите и работните задачи, којшто сте го потпишале, согласно архивскиот број, на 16.06.2025 година?”