
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека аеродрoмот Св. Апостол Павле во Охрид конечно е легализиран.
” На последниот ден од 2025 година сакам да споделам убава вест дека охридскиот аеродром кој оперира уште од 1970-тите години конечно е легализиран!
Изминатава година тим од Министерството за транспорт, АД Аеродроми и ТАВ, заедно со Катастар, Државното правобранителство, Управата за имотно-правни работи и други владини институции посветено работеше конечно да се впише Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле” во катастар и конечно овој стратешки објект да добие имотен лист.
Во нормални услови ова воопшто не би било вест, но после толку години негрижа и запоставување на државниот капитал сметам дека е важно да се запознае јавноста.
Во следниот период ќе работиме на модернизација и реконструкција на Охридскиот аеродром со цел да привлечеме нови туристи.
Нека е убава и среќна новата 2026 година! – објави вицепремиерот Николоски.

