
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, вечерва соопшти дека следната недела во Лондон ќе се потпише Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, по принцип Влада со Влада. Запрашан дали се вистинити пишувањата за кампови во земјава за мигрантите кои се одбиени за азил во Британија, Николоски посочи дека нашите услови за Договорот се одамна дефинирани и преговорите се завршени, а во договорот нема одредба за такви мигрантски кампови.
-Најдобриот одговор го даде амбасадорот на Велика Британија дека нема таква работа. Секако дека со земјата ќе соработуваме во борбата против криминалот и корупцијата и борбата против миграцијата. Нема ништо друго освен ист договор како со Фронтекс. Кредибилитетот на британскиот амбасадор не смее никој да го спори, рече вицепремиерот во вестите на ТВ Сител.
Тој додаде:
-Најдобар демант за оваа тема се месеците и годините што доаѓаат пред нас.
Британскиот амбасадор Метју Лосон на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, ги демантираше тврдењата дека договорот подразбира прифаќање мигранти од Британија.
-Драго ми е што земјата се согласи на оваа соработка, но таа се однесува на полициската координација меѓу агенциите. Тоа го правиме и со повеќе европски земји. Не станува збор за тоа дека Македонија ќе прифаќа мигранти од Британија, истакна Лосон.