Skip to main content
Хроника

„Ние сме 6 странци и бевме киднапирани од вооружена група која бара пари за да не ослободи“ – татко и синови осомничени за криумчарење на мигранти

25/03/2025  16:29

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против татко и двајца синови поради основано сомнение дека сториле кривични дела – организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице, криумчарење на мигранти и кривично дело криумчарење на мигранти.

Според пријавеното, на 23.03.2025 година, на електронската адреса на Службата за односи со јавноста пристигнала алармантна порака со линк од локација, која гласела: „Ние сме 6 странци и бевме киднапирани од вооружена група која бара пари за да не ослободи. Ве молиме за итна помош. Се наоѓаме на оваа локација, во куќа во складиштето на куќата. SOS!“ По брзата реакција на надлежните органи, во координација со јавниот обвинител од ОЈО Скопје, бил извршен претрес во подрумските простории на станбен објект во село Студеничани, каде што биле пронајдени шестмина илегални мигранти, од кои пет малолетници и едно деветнаесетгодишно лице.

Според истрагата, двајца од осомничените заедно со организатор по потекло од арапските земји, кој престојувал во Грција и повремено во Скопје, формирале меѓународна криминална мрежа за криумчарење на мигранти. Со помош на водичи, групата организирала илегално пренесување на мигранти од Грција преку Македонија, а потоа во Србија и натаму кон земјите на Европската Унија.

На 21.03.2025 година, шеснаесет мигранти биле нелегално превезени, од кои шест биле сместени во подрумските простории на објект сопственост на таткото на првоосомничениот. Мигрантите биле постојано заклучени во просториите, каде што добивале минимална количина на храна и вода. Тие биле изложени на закани од првоосомничениот, кој им се заканувал дека нема да ги ослободи сѐ додека нивните семејства не платат 5.000 евра за да продолжат со илегалниот транспорт до Србија.

Надлежниот јавен обвинител ќе предложи на судијата за претходна постапка да определи мерка притвор за сите осомничени.