
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поради обилните врнежи на дожд на територијата на Република Северна Македонија е зголемен водостојот на реките и одводните канали, а на повеќе локации се евидентирани излевања и интервенции на надлежните служби. Информацијата се однесува на состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е забележано зголемување на водостојот на реките и каналите. Кочанска река има локално излевање кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ – Кочани со механизација. Оризарска река се излеала кај селото Грдовци, при што интервенира Водостопанство „Брегалница“, а МВР – ПС Кочани врши обезбедување и регулирање на сообраќајот. Зрновска река има излевање пред вливот во Брегалница и состојбата ја следи РЦУК, додека Злетовска река и реката Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса, „Македонија пат“ интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан, по излевање на реката Далја. На терен интервенираат ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ со механизација, додека ТППЕ и ДЗС со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. РЦУК Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, ЈКП и ЈП „Нискоградба“ преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата на поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ продолжуваат со испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар, ТППЕ, ДЗС, ЈКП и Водостопанство вршат испумпување и заштита на загрозени површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка, состојбата постојано ја следат РЦУК, општините и Водостопанство, додека „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно посолување и расчистување на ризични патни делници.
Во Тетово, Општина Тетово интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица, полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид. Во Општина Желино се интервенира по излевања кај Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, приватна фирма со механизација го расчистува патот. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.

