
Прекини во поморскиот сообраќај и поплави има во Далмација. Надлежните стопираа дел од траектните и катамаранските линии. Временската непогода беше најизразена Сплит и Каштела, во вечерните часови на 4 и во текот на 5 февруари 2026 година.
Според локалните извештаи, морето се излеало преку ривите и навлегло во приземја на куќи и деловни простории, при што најкритично било во Трогир и во Каштела. Под вода се нашле и делови од сплитското крајбрежје кај Бачвице и Фируле, а слични сцени биле пријавени и во Врањица, Омиш, Хвар, Водице и на Корчула.
Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска регистрирал оркански налети на југото на мерната станица на Марјан, а мареографите во средна Далмација измериле дека нивото на морето било над 70 сантиметри над вообичаеното.
Пожарникарските служби во Каштела примиле околу 50 пријави поврзани со поплавени објекти и проблеми на крајбрежјето. Жителите, според сведоштва пренесени во медиумите, се организирале со импровизирани бариери и вреќи за да ја задржат водата подалеку од домовите. Паралелно, во Сплит силниот ветер префрлал заштитни огради, поместувал контејнери и соборувал полесни конструкции, поради што граѓаните беа повикани да избегнуваат движење покрај градилишта и да ги обезбедат предметите на балкони и тераси.
Во поморскиот сообраќај, повеќе линии беа во прекин или со изменет режим, а операторите ги упатија патниците да ги проверуваат најновите информации пред тргнување, бидејќи одлуките зависат од развојот на ветерот и состојбата на морето. Метеоролошките служби најавија дека неповолните услови може да продолжат и во текот на денот, што значи дека ризикот од нови поплави и прекини не е исклучен сè додека југото не ослабне.

