Skip to main content
Македонија

Невидена партизација во тек, единствениот пат до вработување е или преку партија или преку граница, велат од СДСМ

11/08/2025  11:54

„Во државата на ДПМНЕ, нема институција која не е подложена на груба партизација пред изборите. МНАВ, Министерството за одбрана и уште десетина институции со преку 700 огласи за работа се предмет на вдомување исклучиво партиски подобни лица. Вакава груба партизација е незапаметена во историјата на државата. Стручни и квалитетни кандидати се отфрлаат секаде, а местата се полнат со партиски луѓе. Се партизира секоја позиција, па дури и личните асистенти за децата со посебни потреби“, велат од СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ ја уништува последната капка надеж кај младите дека може да се вработат според квалификации и знаење. Каде е министерот Минчев да излезе и да објасни како се професионализирала администрацијата? Администрацијата никогаш не била на посилен удар, не е ни чудо што лани преку 17.000 луѓе се иселиле. Оваа бројка секојдневно ќе расте. ВМРО-ДПМНЕ надежта ја претвори во очај.

Само ако се анализираат вработувањата во МНАВ, целата работа е јасна. Вработувањето на Атанас Стамнов, човек без никакво искуство во воздушниот сообраќај, е само почеток. Негова сопруга е Анита Стамнова, директор на Централниот регистар. Братот на претседателот на управниот одбор, Владимир Ристовски, кој е чист партиски кадар од Карпош, е унапреден.

Во Министерството за одбрана се случува уште поголема манипулација. Во конкурсот за 60 места за стручно оспособување на офицери, 74 кандидати успешно ја поминале селекцијата, но само 29 имиња се нашле во решението. Министерството за одбрана ја лаже јавноста тврдејќи дека тие кандидати ќе бидат пренасочени во “втора група” за курсисти, што е целосна манипулација.

Нема да има втора група, туку нов оглас за нови кадри кои се подобни и кои ќе ги чуваат местата за нив.

Граѓаните треба да бидат свесни дека пораката на ВМРО-ДПМНЕ е јасна: нема место во оваа држава за чесните, работливи, оние кои вложувале во себе и својот развој. Единствениот пат до успехот е или преку партијата или преку граница. Токму ваквиот систем граѓаните се надеваа да се промени, но тој не само што не се промени, туку за прв пат се надгради до мера на уништување на целото општествено ткиво“, соопшти СДСМ.