
Физиотерапевтите се почесто препорачуваат едноставна, но ефикасна промена во работната рутина: заменете ја столицата со пилатес топка – барем повремено. Овој тренд, кој добива сè повеќе поддржувачи, не е само фитнес мода, туку и решение за сè почестите болки во грбот, вратот и рамената.
Иако можеби на прв поглед изгледа нестабилно или дури опасно, седењето на пилатес топка има значителни здравствени придобивки. Според експертите, оваа пракса го стимулира телото постојано да бара рамнотежа, што води кон автоматско зајакнување на јадрото, подобрување на држењето и намалување на тензијата во телото.
Тим Даунлинг, дописник за британскиот „Guardian“, одлучил да го тестира овој пристап откако подолго време страдал од болки во грбот. „Не паднав од топката. По две недели, совршено се избалансирав додека седев пред компјутер – дури и додека пиев кафе“, вели тој со доза на хумор.
Но, како што сам признава, на почетокот не било лесно: „Се борев да се фокусирам на работата, бидејќи постојано размислував како да седам исправено.“
Токму тоа е поентата, велат физиотерапевтите – свесното држење на телото. Во време кога сè повеќе луѓе работат од дома, најчесто на импровизирани работни маси и столови, неправилното седење стана хроничен проблем. Комбинирајќи ја пилатес топката со кратки вежби и редовни паузи, многу од тие проблеми можат да се избегнат.
Иако не се препорачува седење на топката цел ден, дури и еден час дневно може да направи разлика. Како што вели Даунлинг: „Се чувствував посвесен за телото и поактивен – без да станам од местото.“
За сите кои се борат со болки во грбот или само сакаат да внесат нова енергија во својот работен ден, пилатес топката може да биде едноставно, евтино и ефективно решение.