Skip to main content
Свет

Нетанјаху повикува на глобална коалиција против Иран

22/03/2026  17:41

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес повика на формирање глобална коалиција против Иран и вети дека лично ќе „ги таргетира“ сите ирански лидери, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.

При посетата на местото на ракетниот напад во Арад, Нетанјаху ги повика светските лидери да ги обврзат своите земји на заедничка воена операција предводена од Израел и САД против Иран.

Откако Иран ја погоди британско-американската воздухопловна база на островот Диего Гарсија, далеку во Индискиот Океан, со интерконтинентална балистичка ракета, Нетанјаху им рече на новинарите дека се чини дека Иран „има способност да нападне длабоко во Европа“.

Во врска со блокадата на Ормутскиот теснец од страна на Иран помеѓу Персискиот/Арапскиот Залив и Ормутскиот Залив, кој води до Индискиот Океан и подалеку во светот, Нетанјаху рече дека Иранците се насочени кон сите и го блокираат меѓународниот поморски и енергетски пат, обидувајќи се да го уценуваат целиот свет.

„Време е лидерите на другите земји да ни се придружат“, рече тој.

Израелскиот премиер ги осуди неодамнешните ирански напади во близина на религиозните места во Ерусалим.

„Тие пукаа кон Ерусалим, веднаш до светите места на трите монотеистички религии: Ѕидот на плачот, Црквата на Светиот Гроб и џамијата Ал Акса. Чудесно, ниту едно од нив не беше погодено, но тие ги таргетираа светите места на трите главни религии“, рече Нетанјаху.

Кога беше прашан за одговорот на Израел на нападите врз израелските цивили, Нетанјаху одговори дека реагира со голема сила, но не против цивилите.

„Ги напаѓаме режимот, Револуционерната гарда, таа криминална организација. Ги напаѓаме лично, нивните лидери, нивните објекти и нивните економски ресурси. Дејствуваме со голема цврстина“, рече израелскиот премиер.