
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп се согласиле палестинската милитантна група Хамас да добие рок од два месеци за целосно разоружување, објави израелскиот весник „Израел Хајом“. Според извештајот, доколку Хамас ги одбие условите, израелската армија ќе преземе понатамошни воени чекори. Договорено е да се утврдат и јасни практични критериуми за разоружување, меѓу кои и уништување на широката мрежа тунели под Појасот Газа.
Професионални тимови од Израел и САД, како што пренесува „Тајмс оф Израел“, веќе работат на прецизна дефиниција за тоа што ќе се смета за целосно разоружување на Хамас. Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со Нетанјаху порача дека на Хамас ќе му биде даден „многу краток рок“ за исполнување на условите. – Ако не го сторат тоа, ќе следи пекол, изјави Трамп.

