
Ноќеска во Скопје ненадејно почина Благоја Сотировски – Џагуре, трикратен шампион на Македонија во шах, воедно најмладиот освојувач на оваа титула во нашата земја.
Сотировски првата титула ја освоил во 1951 година, на 19 годишна возраст, откако претходно освоил титула Мајсторски Кандидат. Негови први противници биле легендите на македонскиот шах од периодот пред Втората светска војна, меѓу кои и Павле Бидев, првиот шампион на Македонија, како и инженер Георги Полјаков, Виктор Заљевски, Ајдинов, Трајко Георгиевски и други.
Втората титула ја освоил во 1953 година, а третата во 1954 година, кога почнале да се појавуваат и новите генерации на македонски шахисти како Борче Илиевски, Јован Софревски, Евгени Мартиновски, Киро Данов и други.
По повод 75-годишницата од одигрувањето на државните првенства на Македонија, Сотировски даде интервју за „Дерби“ во кое евоцираше спомени од првата средба со Боби Фишер во 1958 година, одлуката да се повлече од македонскиот шах во поединечна конкуренција и да настапува само на екипните натпреварувања, како и за други детали од неговиот живот.
Погребот на Благоја Сотировски – Џагуре ќе биде извршен на градските гробишта во Бутел во Скопје, во петок на 16 мај, при што последен поздрав ќе му биде оддаден во капелата од 10 часот.