
Сопствениците на станови во изградба на ул. Козара бр. 21, Капиштец, Скопје, со писмо до медиумите објавија реакција во која тврдат дека чекаат од инвеститорот повеќе од две години да ја заврши зградата. Велат дека се сомневаат дека градежникот сака да им ги врати парите, за потоа, поради повисоката цена, да ги продаде поскапо.
Зградата на улицата „Козара“ бр.21 во центарот на Скопје требаше да биде готова во мај 2023, а инвеститорот „Нов дом инвест“ вели дека нема работна сила па затоа доцни, иако во меѓувреме, со нашите пари, почнал да гради нови згради во Дебар Маало. Нема кој да не заштити од ваквото самоволие, се вели во писмото до медиумите
Од таму бараат заштита од државата, од која очекуваат да реагира со сите правни расположливи механизми.
„Ние, сопствениците на купени станови во изградба на улица Козара 21, Капиштец, Скопје, реагираме поради двегодишното доцнење со изградба на зградата којашто според договорите коишто ги потпишавме требаше да биде предадена во мај 2023г.
По сите наши реакции, од страна на инвеститорот „Нов Дом Инвест” (сопственици: Ален Матх, Катерина Павловска , Исмет Османи и Бесим Османи), добиваме само изговори и лажни ветувања – последното е дека зградата ќе биде готова во јули оваа година, но според динамиката на работните активности (инаку, повремено доаѓаат по еден-двајца работници коишто завршуваат незначителни работи, со цел да се остави впечаток дека работите не се целосно запрени), нема изгледи дека зградата ќе биде готова како што е ветено.
Вистината со доцнењето со изградбата на зградата се должи на:
– Тенденциозна злоупотреба на уплатените пари на сопствениците, коишто Инвеститорот ги користи за отпочнување на изградба на други објекти
– Намерата на Инвеститорот да манипулира со трпението на сопствениците од причина што, од моментот кога становите се купени, цената по квадрат на становите значително се покачи, а со цел сопствениците да се откажат од становите и да им бидат вратени парите по пониска цена од актуелната вредност.
Ова не е изолиран случај, бидејќи имаме сознанија и за многу други случаи на доцнење со изградба и непридржување на договорените рокови, не само од „Нов Дом Инвест”, туку и од други инвеститори, при што се манипулираат граѓаните и се злоупотребуваат нивните пари“ се вели во реакцијата.
Сличен случај со истите инвеститори и во Кисела Вода
Еден ден по реакцијата на станарите од Козара, до нас пристигна писмо од станари на зграда на улицата Мишко Михајловски во Кисела Вода, градена од истите инвеститори.
Во реакцијата на станарите се наведуваат бројни неправилности.
„Канцелариите на Еко Проект Градба се во зградата на Мишко Михајловски бр.22 и своите работни обврски ги извршуваат оттаму често со доаѓање и на лица од останатите фирми со кои соработува. Читајќи ги исказите на тие сопственици целосно се поклопуваат со нашата приказна и голгота помината во текот на овие изминати години. Станбениот објект се градеше долго и се уште им се води во градба иако ние повеќе од четири години живееме во зграда без извршен технички прием. Периодот пред влез во станбениот објект беше период на бескрајни лаги кажувани токму од наведеното лице Ален Матх, како и сите инволвирани вработени од двете градежни фирми. Зградата се градеше долго без потребна бројка на извршители градежни работници кои најчесто беа плаќани на дневница. Често објектот беше затворен со катанец со разни изговори слични како што ги посочуваат и останатите сопственици. Откако се вселивме во становите и беше пуштена вода и струја се соочивме со низа проблеми како протекување, неисправни инсталации, поплави, влага и сл. Во текот на градењето на своја рака спротивно на основниот проект и одобрението за градење, почнаа со доградување на уште два спрата на зградата меѓутоа беа сопрени и набрзина ја покрија зградата и наместо кров имаме импровизиран покривач од лим кој протекува. Од наши лични извори имаме сознанија дека истите лица земаат парцели за градба во различни општини за секоја од нив се здружуваат со други лица, регистрираат нови фирми и изведбата е иста. Со доцнење, без квалитет, без соодветна завршница во пропишано време. Конкретно за нашата зграда од добивање на одобрение се поминати безмалку седум години“ се наведува во нивната реакција.