
Нема простор за паника во врска со неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај поединечни животни. Безбедноста на посетителите и грижата за животните остануваат наш врвен приоритет, информираат денеска од скопската Зоолошка градина откако пред два дена од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека туберколозата била причина за смртта на европскиот бизон и други животни.
Од Зоолошката посочуваат дека туберкулозата кај животни не е нова појава, односно, дека овој вид заболување е познат со децении и нагласуваат дека ризикот за посетителите да се заразат е многу низок и речиси невозможен.
„Преносот на туберкулоза од животни на луѓе е исклучително редок и најчесто бара долг и директен близок контакт со болни животни, нешто што е невозможно за обичните посетители. Вработените кои се во директен контакт со животните со години изминатиот период беа тестирани. Сите досегашни резултати се негативни , нема заразени лица меѓу персоналот. Се преземаат строги ветеринарни и санитарни мерки и постојано се врши дезинфекција во живеалиштата. Секое сомнително или заболено животно е предмет на надзор, тестирање и соодветен третман согласно меѓународните стандарди, а поставени се и дез бариери кај живеалиштата“, се наведува во соопштението на ЗОО Скопје објавено на нивната Фејсбук страница.
Оттаму додаваат дека превентивно, во наредниот период ќе биде изолиран Бејби ЗОО и дека посетителите се движат по безбедни патеки и немаат близок контакт со животните.
„Контролата на здравјето на животните и на вработените е континуирана и под надзор на надлежните институции.
Случаи на животинска туберкулоза се регистрирани и во други зоолошки градини низ светот, но тоа никогаш не резултирало со ризик за јавноста. ЗОО Скопје останува целосно посветена на заштита на здравјето на посетителите, добросостојбата на животните и транспарентност во информирањето. Ќе продолжиме редовно да ја известуваме јавноста и да соработуваме со сите надлежни институции за навремена превенција и контрола. Продолжуваме да работиме со иста посветеност за да обезбедиме позитивно и сигурно искуство за сите посетители и највисок степен на грижа за животните“, додаваат од скопската Зоолошка градина.
Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ вчера на Фејсбук обвини дека Зоолошката градина е контаминирано подрачје од туберколоза и изрази сомнеж дека цели реони се зафатени, дека вработените се оставени сами на себе без никаква опрема соодветна на ваков тип на епидемија и оти се подложени на мобинг за да молчат за се што се случува внатре.
„Апелирам, алармирам веднаш државните институции да направат вонреден инспекциски надзор и да постапат согласно протоколите кој ги налага ЕАЗА и Светската здравсгвена организација. Итна проверка на сите вработени да се тестираат како и земање брисеви од сите животни и живеалишта, доколку е потребно и времено затворање на оваа установа се додека не се процени дека е безбедна!“, напиша Кирков.