Skip to main content
Македонија

НЕМА МИР БЕЗ СЛОБОДА: Протестен марш во солидарност со Палестина

18/10/2025  15:06

Под мотото „Нема мир без слобода“, во сабота, 18 октомври, во 12 часот во Скопје се одржa нов протестен марш во солидарност со палестинскиот народ и против продолжувањето на окупацијата и геноцидот во Газа. Маршот започнa пред споменикот „Симфонија на мирот“ (наспроти гимназијата „Јосип Броз Тито“) и продолжи до зградата на Владата на Република Северна Македонија.

Организаторите од иницијативата „Сите за Палестина“ нагласија дека овој протест е фокусиран на потребата за траен и праведен мир заснован на ослободување, правда и одговорност, а не на површен прекин на огнот кој го легитимира окупаторот и ги поништува правата на палестинскиот народ.

Тие потсетија дека прекинот на огнот не ја поништуваат одговорноста за извршените воени злосторства, ниту го бришат геноцидот што се случи во Газа. „Геноцидот не завршува со потпис на хартија,“ стои во изјавата.

„Мировните договори не се изговор за неказнивост. Владите, вклучително и македонската, имаат законска и морална обврска да го признаат геноцидот и да делуваат согласно меѓународното право.“

„Палестина е под окупација веќе 77 години. Палестинците се жртви на присилно иселување и етничко чистење веќе 77 години, а последните две години се жртви на најмонструозниот геноцид во поновата историја на човештвото,“ изјавија од иницијативата. „Пред една недела моќните одлучија мир кој само го зацементира геноцидот како средство за присилна
капитулација и прифаќање на окупација. Но нема мир без слобода.“

Организаторите потенцираа дека привремениот прекин на огнот не значи крај на страдањето, туку често само создава услови за продолжување на системското насилство, окупацијата и експлоатацијата на палестинската земја и ресурси.

„Сите ние кои се разбудивме за вистината дека нема слобода ни правда за народите додека
капиталистите одлучуваат за нашата судбина, нема да замолчиме пред геноцидот и окупацијата. Палестинскиот народ мора да е слободен за сите да сме вистински слободни,“
порача еден од говорниците.

Протестот истакнa дека реконструкцијата на Газа мора да започне веднаш, со приоритет на итна и неограничена хуманитарна помош за населението кое преживува во услови на глад, бездомност и болест.

Иницијативата нагласува дека владите и меѓународните институции имаат обврска да
обезбедат непречен влез на хуманитарна помош, без никакви политички или воени условувања, и дека секоја блокада или задржување на хуманитарната помош претставува тешко прекршување на
меѓународното право.

Истовремено, организаторите предупредија дека процесот на реконструкција не смее да се претвори во профитабилен проект за елитите, туку мора да биде вистинско обновување под водство на самиот палестински народ и жителите на Газа. Обновата е неопходна и итна, но мора да биде во служба на луѓето – за обновување на домовите, училиштата, болниците и достоинството на оние кои
изгубија сè во бомбардирањата.

„Не може да има мир на темели од крв и рушевини,“ стои во изјавата. „Газа мора да се изгради повторно, но не како рај за капиталот, туку како дом за својот народ. Реконструкцијата мора да ја водат жителите на Газа, а не инвеститорите кои профитираат од нивната болка.“

Барања на протестот се:
1. Владата да го осуди геноцидот во Газа и да делува согласно Конвенцијата за спречување и
казнување на злосторството геноцид;
2. Да гласа за солидарност со палестинскиот народ во сите идни гласања на Обединетите
нации;
3. Повторно да ја признае државата Палестина;
4. Итно да ги прекине дипломатските, економските, културните и спортските односи со Израел;
5. Да се вклучи во доставување на хуманитарна помош за Газа;
6. Да поддржи меѓународни заложби за прекин на геноцидот и влез на помош во Палестина;
7. Да ги уапси сите лица гонети за воени злосторства што би се појавиле на територијата на Македонија, согласно обврските како членка на Меѓународниот кривичен суд.

„Нашата власт мора конечно да ги исполни обврските според меѓународното право,“ велат од иницијативата. „Ако Македонија не е праведна во меѓународната политика, уште помалку ќе биде праведна во домашната.“

Маршот заврши пред Владата со повици за признавање на Палестина и за конкретни политички дејства во насока на правда и одговорност.