
Неколку млади луѓе од белгиската провинција Антверпен биле хоспитализирани во изминативе неколку недели, откако пушеле електронски цигари полнети со течност од „домашно производство“, јавија белгиските медиуми, повикувајќи се на болнички извори.
Според овие информации, дел од хоспитализираните се во „многу загрижувачка“ здравствена состојба, а еден е сè уште во кома.
Првичните анализи на крвта на хоспитализираните укажуваат дека е можно течноста во е-цигарите да ја содржела и психоактивната компонента на канабисот ТХЦ.
Професорот на Универзитет во Антверпен, Филип Лардон посочува дека при изработката на течноста за е-цигари во домашни услови често се мешаат лекови, марихуана и синтетички дроги.
– Тие се познати и како „спајс“ и во нив концентрациите на канабис се неколку пати поголеми отколку во, да речеме, обичен џоинт, изјави Лардон за белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ.
„Спајс“ е сленг термин за група синтетички дроги, дизајнирани да ги имитираат ефектите на природниот канабис, но за разлика од него се многу посилни, дури можеби и до 50 пати, и предизвикуваат зависност, како и хероинот.
Лардон наведува дека ваквите е-цигари веќе неколку месеци се шират во различни училишта во Антверпен и во други белгиски реони.
– Поради нивните високи концентрации, тие се исклучително опасни. Тие се целосно илегални и нивното користење или продажба е противзаконско, додава професорот.
Лардон, кој е истражувач и на ракот, вели дека во последниве години се бележи дека користењето на е-цигари започнува на се помала возраст.
– Сум видел дури и деветгодишници како пушат е-цигари во трето одделение, вели Лардон.
Според него, училиштата, родителите, болниците и самите млади луѓе мора да бидат предупредени за ваквите појави и за ризиците од пушењето е-цигари, особено оние со течности произведени во домашни услови.
– Случаите забележани досега се особено сериозни. Ако се продолжи вака, само го чекаме првиот смртен случај, додава Лардон.
Медицинските истражување укажуваат дека користењето на „спајс“ може да предизвика корисниците да изгубат свест, да почувствуваат болки во градите или дури да добијат мозочен удар.
Истражувачите укажуваат дека често е тешко да се утврди дали одредена течност за е-цигари содржи „спајс“, бидејќи ја има истата арома и вкусови како и традиционалните течности.
Белгиската истражувачка мрежа „Пано“ при истражување пред неколку месеци откри дека многу од е-цигарите што ги користат фламанските тинејџери се со течност за која се тврди дека е на база на канабис, а всушност содржела други наркотици кои се многу опасни и предизвикуваат зависност.
