Skip to main content
Македонија

„Неизмерно тагуваме по огромната загуба на нејзиниот млад живот исполнет со многу светлина, која нѐ грееше сите нас“, УАКС се прости од нивната студентка Ана

20/03/2025  15:40

Денес, со тешко срце се збогуваме со нашата драга Ана, наша студентка, другарка и член на УАКС-семејството. Неизмерно тагуваме по огромната загуба на нејзиниот млад живот исполнет со многу светлина, која нѐ грееше сите нас секојдневно“, велат од Универзитетот „Американ колеџ Скопје“ .

Ана ќе ја паметиме по нејзината добрина, која несебично ја делеше со сите оние што ја познаваа, нејзината топлина како човек и пријател, но и по нејзината амбиција, таленти и љубов што ја имаше за сите и за сѐ што правеше. Нејзиното присуство беше вистинско богатство за сите што имаа чест да ја познаваат. Нејзиното отсуство, пак, ќе биде гласно и ќе го чувствуваме сите многу долго и длабоко.

Во овие моменти на огромна тага нашите мисли се со нејзиното семејство, пријателите и сите оние што ја познаваа и што ја сакаа. Споменот на нашата Ана нека биде она што ќе ни даде сила да бидеме солидарни, да подадеме рака и да бидеме поддршка за оние на кои најмногу им треба.
Во отворената книга на жалост, денес, а и во деновите што следуваат, ќе ги запишеме нашите мисли и молитви и ќе ја спомнеме нашата другарка.

Почивај во мир, мила наша Ана. Засекогаш ќе останеш дел од нашите срца и од нашата приказна“, велат од Универзитетот „Американ колеџ Скопје“.