
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 29-годишен маж од Неготино, со живеалиште во Германија, осомничен за кривични дела полов напад и силување (член 186) и уцена (член 259) од Кривичниот законик.
Како што наведува Слободен печат, осомничениот на 2 декември излегол во скопски ресторан заедно со сопругата и нивна пријателка. По вербална расправија, сопругата го напуштила локалот, а тој се понудил да ја однесе пријателката дома. Наместо тоа, цела ноќ ја возел на различни локации, обидувајќи се да ја присили на сексуални односи. Кога жената одбила, ѝ се заканил дека ќе ја убие.
Обвинителството соопштува дека осомничениот ја принудил оштетената да влезе во апартман во Центар, каде со физичка сила и закани со нож извршил други полови дејствија. Настанот го снимал со мобилен телефон. Додека биле во апартманот, се јавувал со видео-повици кај сопругата и други лица, барајќи да му донесат кокаин „за да не ја убие жената“.
Три дена подоцна, ѝ пратил видео со експлицитна содржина на оштетената, заканувајќи се дека ќе го објави ако не му исплати 2.500 евра. Жената веднаш го пријавила случајот, по што било организирано симулирано примопредавање на обележани пари. Осомничениот бил уапсен веднаш по преземањето на средствата.
Младиот неготинец е спроведен во притвор.
