Skip to main content
Култура

Недела на Полски филм во Кинотека

12/05/2025  08:17

Кинотеката на Северна Македонија, во соработка со  институтот „Адам Мицкевич” од Полска и со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје, го организира настанот „Недела на полски филм”, што ќе се одржи од 12 до 17 мај 2025 година, по повод претседателството на Република Полска со Советот на Европската Унија.

Во рамки на оваа тематска филмска недела, публиката ќе има ретка можност да погледне избор од значајни полски филмови кои оставиле траен белег во европската и светската кинематографија. Програмата опфаќа наслови од различни генерации и стилови, вклучувајќи ги делата на прославените режисери Кшиштоф Кјешловски и Агњешка Холанд, како и современи гласови како Агњешка Смочинска и Куба Микурда.

Филмската недела ќе започне на 12 мај (понеделник) во 20:00 часот со проекција на филмот СОЛАРИС, ЉУБОВ МОЈА (Solaris mon Amour, 2023) – визуелен и поетски омаж инспириран од филмот на Андреј Тарковски и романот на Станислав Лем. Влезот за овој филм е бесплатен. Гостинка на оваа проекција ќе биде монтажерката на овој филм Лаура Павела, која по проекцијата заедно со режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков ќе разговаат за нејзината работа на ова филмско дело.

Сите проекции ќе се одржат во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 20:00 часот, а ќе бидат прикажани филмовите СЛЕПА ШАНСА (Przypadek / Blind Chance, 1987), ОСАМЕНА ЖЕНА (A Lonely Woman / Kobieta samotna, 1987), АКТЕРИ ОД ПРОВИНЦИЈА (Provincial Actors / Aktorzy prowincjonalni, 1979), ЗЕЛЕНА ГРАНИЦА(Green Border/Zielona granica, 1923)  и ЈАДИЦАТА (Córki dancing/The Lure, 2015)

Програмата е реализирана во соработка со Институтот „Адам Мицкевич” како дел од меѓународната културна програма на Полското претстедателство со Советот на Европската Унија 2025.