
Општина Аеродром продолжува со засилен инспекциски надзор на активните градилишта, при што е изречена глоба од 1.000 евра за правно лице и 300 евра за одговорното лице поради прекршување на Законот за јавна чистота.
При извршена контрола на градилиште во близина на СУГС „Димитар Влахов“ на булевар „Трета македонска бригада“, инспекторите утврдиле дека градежни возила се движеле по коловоз со нечисти гуми, со што била нарушена чистотата на јавните површини и предизвикано дополнително загадување.
Од Општината потенцираат дека нема да се толерира несовесно постапување и дека прекршувањата ќе се санкционираат строго и без исклучок. Во наредниот период контролите ќе продолжат и дополнително ќе се интензивираат на сите активни градилишта.
Особено внимание ќе се посвети на почитување на мерките за заштита на животната средина, спречување на загадување и несоодветно одлагање отпад, одржување на чиста и безбедна околина околу градилиштата, како и заштита на јавните површини од узурпација.
Општина Аеродром упати апел до сите изведувачи и инвеститори да ги исполнуваат своите законски обврски, нагласувајќи дека само со дисциплина и одговорност може да се обезбеди уредна, чиста и безбедна средина за сите жители на општината.


