
Потребен е целосно нов Изборен законик со попрецизно дефинирани изборни правила, вели претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко во интервју за Радио слободна Европа. Според него, Изборниот законик не ја опфаќа само работата на изборните органи, туку и финансирањето на партиите, кампањата, медиумите. Кондарко порачува дека треба да се размисли за начинот на финансирање да биде преточен во сосема издвоен посебен законик.
„Јас во една прилика кажав дека најголема потешкотија ни создава законот, изборниот закон кој повеќе од 30 пати од 2006 навака е изменет и дополнуван, меѓутоа има многу нејаснотии, многу непрецизности што ни создаваат правни, ни отвораат правни прашања и ни создаваат предизвици кои мора да ги надминуваме во склад на законитост, на транспарентност, на еднакво воспоставување на еднакви правила на игра за сите учесници во изборите“, вели Кондарко.
Во однос на анализите и предупредувањата за инфлација на кандидатски листи , ДИК има овластувања да носи соодветни одлуки и да ги прилагоди на актуелната ситуација, со цел да обезбеди непречено функционирање и одвивање на сите дејствија во изборниот процес и гласањето, објаснува Кондарко.
„Има шпекулации што би можело да се случи. Не би било добро да се коментира однапред, останува да се види постапката околу формалниот дел за поднесување на кандидатски листи трае. Единствен услов не се само најмалку два потписи за поднесување на листа, во услови кога тоа прашање не е регулирано од страна на Собранието, ДИК согласно член 31 став 2.2 има обврска да донесе правилник за регулирање на постапката за поднесување на кандидатски листи, односно потписи за независните кандидати, за група избирачи. ДИК тоа го направи. ДИК со тоа упатство не излезе надвор од законот, туку ја прилагоди на конкретната ситуација“, нагласува претседателот на ДИК.