Skip to main content
Македонија

„Не се дишеше, беше пекол“ ново сведоштво за трагедијата во Кочани

26/01/2026  15:10

Сведокот Тоше Трендафилов, сведочејќи за пожарот во дискотеката „Пулс“, изјави дека објектот непосредно пред трагичниот настан бил реновиран и визуелно уреден, при што биле отстранети терасите што претходно постоеле над шанкот.

Тој раскажа дека во првите моменти по избувнувањето на пожарот дел од посетителите почнале да снимаат со мобилни телефони, но негов пријател веднаш го повикал да излезат од објектот. Првично се упатил кон тоалетите, бидејќи таму се движела поголема група луѓе, но пријателот Драгољуб инсистирал да се обидат да излезат преку главната врата.

„Од плафонот се ширеше густ црн чад, беше многу жешко и едвај се дишеше“, сведочеше Трендафилов, додавајќи дека во внатрешноста не забележал присуство на обезбедување, додека надвор имало лица од обезбедувањето кои се обидувале да им помогнат на луѓето.

Кога пристигнал до излезот, како што изјави, веќе владеел целосен хаос. „Имаше деца натрупани едни врз други. Се обидував да излезам, но тоа беше невозможно“, рече тој, посочувајќи дека паднал на подот и бил газен од толпата. Во обид да се заштити од чадот, ја ставил маицата преку устата и носот, по што ја изгубил свеста и нема сеќавања за моментите што следеле.

По извлекувањето надвор, Трендафилов наведе дека побарал помош од полицајци, но, според него, тие му рекле да се тргне од местото без да му биде укажана дополнителна помош. Тој истакна дека знаел за постоење на уште еден излез од дискотеката, но според неговите сознанија, тој бил заклучен во моментите на пожарот.

Сведокот посочи дека во објектот не забележал противпожарни апарати, а кобната вечер го видел сопственикот Дејан како учествува во обидите за гаснење на пожарот. Наведе дека пиротехнички средства се користеле и претходно, вклучително и таканаречени прскалки.

Како последица од пожарот, Трендафилов претрпел тешки телесни повреди. „Левата рака ми е целосно оперирана, со пресадување кожа. Имав изгореници на ушите и вратот“, изјави тој, додавајќи дека и понатаму чувствува болки, има проблеми со спиењето и често му се враќаат трауматичните сеќавања.

„Мирисаше страшно, не можеше да се дише“, заклучи Трендафилов, опишувајќи ја атмосферата во дискотеката кобната вечер.