Skip to main content
Магазин

Не постои, а доби 500 понуди за брак – Мажите се вљубија во АИ инфлуенсерка

16/02/2026  15:21

Инфлуенсерка создадена со помош на вештачка интелигенција, во пресрет на Денот на вљубените, доби повеќе од 500 понуди за брак, иако всушност не постои во реалниот свет. Овој случај повторно ја отвора дебатата за тоа колку напредува технологијата и колку станува тешко да се направи разлика помеѓу вистинска и дигитално генерирана личност.

Виртуелната инфлуенсерка Аика Кити има повеќе од 100.000 следбеници на Инстаграм, а преку платформата за претплата Fanvue заработува над 5.750 евра месечно. Нејзината популарност нагло пораснала во периодот пред Денот на вљубените, кога нејзината креаторка добила стотици пораки и понуди за дружење, од вечери во луксузни ресторани и шопинг, до романтични патувања во Париз и понуди за лет со приватен авион до Дубаи.

Иако виртуелната инфлуенсерка физички не може да прифати ниту една од понудите, нејзината креаторка очекува Денот на вљубените да биде најактивниот период во годината. Планот е тој ден да биде посветен на комуникација со следбениците, со цел, како што вели, да се понуди разговор и поддршка за оние кои празникот го поминуваат сами.

Психолозите предупредуваат дека со развојот на вештачката интелигенција ќе продолжи да расте и трендот на таканаречени парасоцијални врски, односно емоционални врски што корисниците ги создаваат со личности кои ги следат онлајн. Според претставници на платформата Fanvue, инфлуенсерите создадени со вештачка интелигенција можат да изградат силна база на обожаватели преку споделување содржини и комуникација, слично како и вистинските инфлуенсери, а интересот за ваков вид интеракција се очекува дополнително да расте, особено во периоди како Денот на вљубените, кога дел од луѓето наместо во реалниот, времето го поминуваат во дигиталниот свет.