Skip to main content
Свет

Наводи за употреба на експериментално оружје во операцијата против Мадуро

11/01/2026  22:24

Специјалната операција за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, која според американски извори се одвивала во екстремно краток временски рок и со минимални човечки загуби на страната на напаѓачите, отвори нова и загрижувачка дебата – дали САД употребиле досега непознато високотехнолошко оружје?

Американски медиуми, повикувајќи се на изјава објавена од портпаролката на Белата куќа Каролина Ливит на социјалната мрежа X, пренесуваат сведоштво на припадник на Венецуелската гарда кој тврди дека преживеал нешто што не може целосно да го објасни.

„Во еден момент лансираа нешто што не личеше на класично оружје. Беше како моќен звучен бран. Почувствував како главата да ми експлодира одвнатре“, наведува гардистот во сведочењето.

Според неговите тврдења, ефектот бил моментален. Војниците кои се наоѓале на позициите за одбрана, наеднаш почувствувале силна болка, вртоглавица и дезориентација. Следеле физички последици – крварење од нос, повраќање со траги од крв и целосна неспособност за движење.

„Паднавме на земја. Не можевме да станеме, ниту да реагираме. Како телото да ни се исклучи“, се вели во изјавата.

Овој опис поттикна шпекулации дека можеби станува збор за т.н. акустично или насочено енергетско оружје – технологии за кои постојат теоретски и експериментални модели, но чие користење во реална борбена операција никогаш официјално не било потврдено.

Дополнително внимание предизвикува тврдењето дека само дваесет американски специјалци, спуштени од хеликоптери, успеале за неколку минути да неутрализираат стотици бранители – без пријавени загуби на своја страна.

„Имаше стотици од нас. Но немавме никаква шанса. Нивната прецизност и брзина на дејствување беа над сè што сме виделе“, тврди гардистот.

Воените аналитичари со кои контактираа дел од американските медиуми не ја потврдуваат, но ниту целосно ја отфрлаат можноста за употреба на експериментални системи за онеспособување. Според нив, големите армии со години инвестираат во технологии за „несмртоносна, но парализирачка“ сила, особено за операции со висок политички ризик.

Од друга страна, официјален коментар од Пентагон за наводите засега нема. Белата куќа, исто така, не навлегува во детали за тактиката и средствата користени во операцијата, повикувајќи се на класифицирани воени информации.

Дали навистина е употребено ново оружје што може да ја промени иднината на модерното војување, или станува збор за психолошки ефект од шокот на брзата воена акција – останува отворено прашање.

Едно е сигурно: операцијата против Мадуро веќе влезе во аналите како една од најмистериозните и најбрзи специјални интервенции во поновата геополитичка историја.