
Бранителот на титулата на УС Опен, Јаник Синер, обелодени денеска дека по победата во четвртото коло, имал необична ситуација кога еден навивач се обидел да му ја отвори торбата.
„Веднаш проверив дали зел нешто, бидејќи во торбата немам само рекети. Таму се и мојот телефон и паричник“, рече италијанскиот тенисер по пласманот во полуфиналето на Грен Слем турнирот во Њујорк.
Инцидентот се случил во понеделник вечер, кога најдобриот светки тенисер се доближи до публиката за да се фотографира со навивачите. Во еден момент, гледач се обидел да ја отвори торбата на Синер, но брзо бил спречен од обезбедувањето.
„Никогаш порано не сум имал ваква ситуација. Но, чувствувам дека обезбедувањето одлично си ја врши работата, особено на теренот. На големите турнири, тие навистина се обидуваат да ни обезбедат безбедност. И кога ќе се случи нешто неочекувано, тие реагираат брилијантно. Сè е во ред“, рече Синер.
Италијанецот во четвртфиналето убедливо го победи сонародникот Лоренцо Мусети со 6:1, 6:4, 6:2 и во утрешното полуфинале ќе игра против 25-от носител, Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим.