
Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова, која го загуби животот во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, денеска на „Маршот за ангелите“ во Кочани упати остро предупредување до Институтот за судска медицина.
Тој порача дека доколку во рок од три дена родителите на загинатите не ги добијат резултатите од токсиколошките наоди, вклучително и испитаните параметри за присуство и ниво на цијанид, ќе излезат пред Институтот за судска медицина и нема да се повлечат сè додека не ги добијат информациите кои, како што рече, надлежните им ги кријат повеќе од една година.
Наунов потсети дека уште на 14 јануари 2026 година родителите на жртвите од трагедијата во „Пулс“ доставиле официјално барање до Институтот за судска медицина, во кое побарале одговор дали биле направени токсиколошки анализи и дали било испитувано присуство на цијанид. Сепак, како што нагласи, до денеска не добиле никаков одговор.
Според него, уште пред четири месеци родителите побарале и итна средба со претставници на Судска медицина, но наместо конкретни одговори добиле само една заедничка средба, на која директорот им ветил дека секое семејство поединечно ќе добие детално образложение. Тоа, тврди Наунов, не се случило.
Во своето обраќање тој емотивно потсети на денот на трагедијата – 16 март 2025 година, кога телата на загинатите биле однесени во Скопје за обдукција.
„Ни рековте дека тоа е задолжителна постапка и дека мора детално да се утврди причината за смртта. Со скршени срца, но верувајќи им на институциите, ги предадовме нашите деца. Чекавме четири дена без да можеме последен пат да ги видиме и испратиме. А потоа ни ги вративте во сини ќеси, со предупредување да не ги отвораме. До ден-денес нема одговор што е анализирано, дали има токсиколошки резултати и која е вистинската причина за смртта“, рече Наунов.
Тој праша зошто била правена обдукција ако постапката не е завршена целосно и кого штитат институциите со молкот.
„Ова не е само административно прашање, туку прашање на човечност, професионалност и одговорност кон семејствата кои изгубија сè. Ова е неприфатливо сокривање информации од луѓе кои имаат право на вистината“, порача Наунов.
На крајот, тој најави дека доколку во наредните три дена не добијат писмен и сеопфатен одговор, родителите ќе протестираат пред Институтот за судска медицина и нема да си заминат додека не ја добијат вистината што, како што рече, им се должи.


